Бугарите ќе снимаат филм за цар Борис Трети кој ќе го глуми Антонио Бандерас

Холивудската ѕвезда Антонио Бандерас ќе глуми во филмот за цар Борис Трети, пренесоа бугарските медиуми. Бандерас неколку пати бил во Бугарија и ги договарал деталите за филмот кој ќе почне да се снима наесен. Глумецот ја разгледал изложбата на Пикасо во национална галерија.

Кога продуцентот Ави Лернер го прашал дали сака да го глуми цар Борис, Бандерас веднаш му одговорил дека сака. Предвидени се и кастинзи на кои ќе се изберат актери кои ќе се приклучат на екипата која ќе глуми во филмот.

„Цар Борис Трети навистина ги поддржуваше Евреите во Бугарија, но испадна дека има многу повеќе луѓе вклучени во оваа историја. Сакаме да ги прикажеме повеќето од нив со развивање на нивните приказни во филмот“, рече продуцентот Ави Лернер, а пренесе „Бугарија Денес“.

Филмот ќе се снима на англиски јазик. Името на царот Борис Трети е поврзано со прогонот и уништувањето на Евреите од окупираните територии од страна на фашистичка Бугарија за време на Втората светска војна.

За потсетување, Цар Борис Трети и Владата на Царска Бугарија се директни виновници за депортацијата на повеќе од 11.300 Евреи од окупираните територии во Македонија, Грција и Србија, од кои 7.144 се Евреи од Македонија, во логорот Треблика, во окупирана Полска.

Scroll to Top