Симболизирајќи ја едноставноста дури и на еден оскаровец, фотографијата што беше направена непосредно по Оскарите, на која Хоакин Феникс и неговата свршеница, актерката Руни Мара, јадат сендвичи, а тука некаде е присутна и златната статуетка за најдобар актер, инстантно го обиколи светот и ги собра симпатиите на публиката.
Фотографијата во црно-бела техника ја направи фотографот Грег Вилијамс, портретирајќи момент кој ги буди човечките емоции.
На фотографијата, Руни Мара, која носи креација на Александар Меквин, потпетиците ги замени со култните „старки” патики, алудирајќи на тоа дека по целиот гламур на црвениот килим, на крајот од денот и тие се обични луѓе кои обожаваат да јадат бургери.
Инаку, на 92. издание на Оскарите, Хоакин Феникс ја освои својата прва златна статуетка, за улогата на Џокер во истоименото дело на режисерот Тод Филипс.