Писателката Ана Грем Хантер го обвинила Дастин Хофман дека сексуално ја вознемирувал во 1985 година на снимањето на телевизискиот филм Death of a Salesman кога таа имала само 17 години.
Хантер во колумната во „Холивуд репортер“ приложила писма до сестра си од таа година во кои ги опишувала нападите на Хофман и дополнително опишала што сè славниот актер ѝ правел, а коментирала и како нејзината перцепција за настаните се променила во текот на годините.
„Отворено флертуваше“, напишала Хантер, која била асистент на сетот. „Ме фати за задникот, зборуваше за секс со мене. Едно утро отидов во гардеробата да го прашам што сака за појадок, ме погледна и долго молчеше. Тогаш кажа: Сакам тврдо варено јајце… и меко варен клиторис”. Неговиот тим почна да се смее. Излегов без текст. Отидов во тоалетот и плачев“.
Во писмата до својата сестра опишала и други инциденти. Навела дека Хофман ја допрел за задникот четирипати додека одела со него до неговата лимузина. Додала и дека инсистирал да му ги измасира стапалата на нејзиниот прв ден на сетот и ја прашал дали имала секс за време на викендот. Хантер додала дека нејзиниот шеф – чие име е променето – рекол дека жртвувал некои од своите животни вредности за филмската продукција.
„На 49 години сфаќам дека тоа што Дастин Хофман го правеше е пример за однесување што жените морало да трпат во Холивуд и на други места. Беше предатор, јас бев дете, а тоа беше сексуален напад”, напишала Хантер.