Американската актерка и режисерка Џоди Фостер ќе добие почесна „Златна палма“ за животно дело на филмскиот фестивал во Кан што ќе се одржи од 6 до 17 јули. Наградата Palme d`Or на Фостер ќе ѝ биде доделена на 74. фестивал, повеќе од 40 години откако дебитираше во Кан. Таа ќе биде и почесен гостин на свеченото отворање на 6 јули, кога ќе ја прими наградата.
Фостер имаше 13 години кога дебитирше во палатата на Кроазета со филмот „Таксист“, кој ја освои „Златната палма“ таа година за најдобар филм.
„Кан е фестивал на кој толку многу му должам. Тој целосно го смени мојот живот “, рече Фостер, која првпат беше во Кан 1976 година за светската премиера на блокбастерот на Мартин Скорсезе.
Седум филмови на Фостер, и како актерка и како режисер, се прикажуваа на Канскиот филмски фестивал низ годините.
„Џоди Фостер ни дава неверојатен подарок со доаѓањето тука за да го прославиме враќањето на фестивалот. Нејзината аура е неспоредлива. Таа е олицетворение на модерноста, блескавата интелигенција на независноста и потребата за слобода “, изјави претседателот на фестивалот, Пјер Лескју, како што пренесува „Вараети“.
Претходни добитници на почесната „Златна палма“ се Жана Моро, Бернардо Бертолучи, Џејн Фонда, Жан-Пол Белмондо, Маноел де Оливеира, Жан-Пјер Лео, Ањес Варда и Ален Делон.