Џони Деп прозборе за депресијата, разводот и банкротот

Холивудскиот актер Џони Деп изминативе години мина низ многу тешки моменти во животот – изгуби стотици милиони долари, се соочи со смртта на мајка му, се разведе од Амбер Херд, откако беше обвинет за семејно насилство, а е и во центарот на неколку судски процеси.

Популарниот актер, кој пред Амбер беше долги години во брак со Ванеса Паради, проговори за финансиските и семејните проблеми во интервју за реномираното списание Rolling Stone.

Стивен Родрик, кој е автор на сторијата, отворено пишува дека за време на интервјуто Деп пиел и пушел хашиш.

Деп го почнал разговорот велејќи му на новинарот: „Па, тука си за да ја чуеш вистината? Полна е со предавство“.

Еден од 14 домови на актерот

Финансиски проблеми

Во текот на актерската кариера Џони има заработено околу 650 милиони долари. Но, тој нема ништо од овие пари. 55-годишниот актер тврди дека не знаел дека е во толку лоша ситуација и ја тужи фирмата The Management Group (TMG), која беше задолжена за менаџирање на неговите финансии, за злоупотреба и небрежност.

Во тужбата е наведено дека Деп не знаел дека неговата сестра Кристи добила 7 милиони од неговото богатство, а неговиот асистент се стекнал со 750 000 долари.

Тој признал дека никогаш не гледал на што го става својот потпис: „Ако имаше документ кој требаше да го потпишам, ги потпишував. Не сакав да гледам што е затоа што им верував на тие луѓе… Сега гледам сè што потпишувам.“

Дополнително, Деп ја обвинува фирмата TMG дека ги користела неговите пари за свои потреби и ги враќала без профит, па од нив бара оштета од 25 милиони долари.

Од TMG се категорични дека немало грешки и измами од нивна страна и дека луксузниот лајфстајл е причината за паричните неволји на Деп. Тие тврдат дека тој трошел компулсивно по 2 милиони долари месечно.

Свадбата на Бахами

Според документите приложени од TMG, дел од трошоците на Деп се:

75 милиони долари за 14 недвижни имоти;

3 милиони долари за да ја испука со топ кон небото пепелта од кремацијата на неговиот пријател Хантер Томпсон кој се самоуби;

200 000 долари месечно за превоз со приватен авион;

7 000 долари за да ѝ купи на ќерка си кауч од сетот на Keeping Up With the Kardashians;

Купување на 70 гитари, 200 уметнички дела и 45 луксузни возила.

1,2 милиони долари за доктор на повик;

1,8 милиони долари за обезбедување за него и за неговата мајка.

TMG наведува дека Деп потрошил 30 илјади долари за вино, но тој коментира: „Навредливо е да се рече дека имам потрошено 30 000 долари на вино, затоа што се далеку повеќе“.

За сторијата за Хантер Томпсон, Деп вели: „Не чинеше 3 милиони долари да го испукам Хантер кон е***ото небо. Чинеше 5 милиони.“

Џони вели дека судската битка е за неговите деца. „Мојот син од децата на училиште дозна како неговиот татко  ги изгуби сите пари, тоа не е во ред“ – вели тој.

Ја истепа сопругата па се разведе

Изолација, развод, семејно насилство, депресија

Проблемите на личен план за Деп започнале по бракот со Амбер Херд. Неговите блиски биле против нивната врска и го убедувале да не се венчава без предбрачен договор. Тој ги игнорирал нивните барања.

Џони и Амбер се запознаа на снимањето на филмот The Rum Diary во 2011 година, а стапија во брак во 2015 година. Парот направи свадба на приватниот остров на Деп, која чинеше еден милион долари.

Следната година Амбер поднесе документи за развод и го обвини Џони за семејно насилство. Медиумите објавија фотографии од повредите на нејзиното лице. Разводот беше финиширан откако Џони ѝ исплати 7 милиони долари, кои таа ги донира за хуманитарни цели.

Само три дена пред Амбер да поднесе документи за развод, Џони ја изгуби мајка си. Во интервјуто за Rolling Stone, тој раскажа дека неговата мајка физички го малтретирала кога бил мал и дека на нејзиниот погреб рекол: „Мајка ми можеби беше најзлобното човечко суштество кое сум го запознал во животот“. Исто така, Деп сподели дека ја обожавал мајка си и дека првата голема заработка во кариерата ја потрошил за да ѝ купи куќа.

Минатата година Деп се соочи со уште една голема загуба – смртта на талентираниот Том Пети. „Го сакав“ – рекол Деп низ солзи за време на интервјуто.

Ѕвездата од Pirates of the Caribbean отворено проговори и за депресијата и неговиот обид да пишува мемоари на стара машина. „Не можев да ја поднесам болката секој ден. Си налеав вотка утрото и започнав да пишувам додека солзите не ми ги исполнија очите и повеќе не можев да ја гледам страницата. Се обидував да разберам со што го заслужив тоа. Се трудев да бидам добар кон сите, да им помагам на сите, да бидам искрен кон сите. Вистината е најважна за мене. И сепак, сето тоа се случи“ – вели тој.

Деп моментално е на турнеја со својот бенд Hollywood Vampires, кој го формира со Алис Купер и Џо Пери.

Scroll to Top