Џони Деп се пресели во англиско село и почна да живее мирен и повлечен живот

Американскиот актер Џони Деп вели дека го претпочита своето мирно секојдневие во Велика Британија, каде што моментално живее на имот од 850 хектари во округот Сомерсет, во југозападна Англија. Со оглед на тоа што лани беше во центарот на внимание поради судењето со неговата бивша жена Амбер Херд, сега актерот реши да се повлече и да живее смирен живот, далеку од јавноста.

Во 2014 година, актерот го купи овој имот за 13 милиони фунти, кој вклучува 12 спални соби и осум бањи во т.н. замок кој наликува на оние од серијата „Downton Abbey“. Исто така, на имотот има раскошни градини и фарма за млечни производи.

Во априлското издание на магазинот „Сомерсет лајф“, ѕвездата на филмскиот серијал „Пиратот на Кариби“ раскажа за новооткриениот интровертен начин на живот, а за потребите на интервјуто направи и фотосесија на својот имот.
„Едноставно, сакам места со карактер. Јас имам повеќе куќи на различни места и сите, за мене, претставуваат нешто посебно. Не ги купувам имотите само за да кажам дека ги поседувам. Јас ги имам за да ги користам и бидејќи тие, за мене, се посебни“, вели актерот за „Сомерсет лајф“.
Деп сподели дека една од многуте работи што ги сака во врска со Велика Британија е дека тука „секаде има историја“.

Тој додаде дека му се допаѓа тоа што тука не е опкружен со луѓе кои сакаат да се фотографираат со него, нешто што генерално не му смета, но некогаш гужвите му сметаат.
„Британците се кул луѓе – тие те поздравуваат како да си им сосед, без да претераат со своето однесување. Сакам да посетувам места, да гледам нешта и да запознавам луѓе. Но, не сум толку екстровертен како што луѓето мислат за мене. Всушност, јас сум многу срамежлив човек. Тоа е една од најубавите работи во врска со Велика Британија, а особено Сомерсет. Тука може да бидам тоа што сум и тоа е убаво“, вели актерот.

Scroll to Top