Италијанската дизајнерка Донатела Версаче, сестра на убиениот моден креатор Џани Версаче, во едно скорешно интервју раскажа за тешките почетоци на семејниот бизнис во Милано, што го основаа кон крајот на 1970те години.
„Во тоа време, оние од северот се сметаа за пософистицирани. Но, ние од југот имавме храброст да ги срушиме бариерите. Џани ги сакаше жените и не сакаше да ги гледа сиви, тој сакаше да ја изрази својата личност преку моделите што ги создава“, рече Донатела за „Ел Паис”
„Во модата постоеше бонтон, збор што никогаш не постоел за семејството Версаче. Подобро лош вкус отколку бонтон, затоа што вака барем нешто кажуват“, вели таа.
Донатела се потсети и на препреките со кои се соочил нејзиниот брат на почетокот на кариерата.
„Првите години во Милано беа многу тешки. Таму живееја дами, па Џани беше критикуван за тоа што го креира. Му рекоа дека прави облека за проститутки. Јас, пак, му велев да не се грижи, бидејќи тој прави облека за жени кои не се плашат од сопствената женственост“, се присетила Донатела.
Таа вели дека изразот „облека за проститутки“ прв го употребил Џорџо Армани, а потоа го прифатиле и другите во модната индустрија. Армани во интервју во 2015 година демантираше дека му рекол на Версаче дека прави евтина облека за проститутки.
„Никогаш не го критикував неговиот стил. Се видовме на Шпанските скали во Рим, на една модна ревија. Го гледавме дефилето кога тој ми рече: ‘Јас ги облекувам проститутките, вие ги облекувате дамите кои одат на миса’,“ рекол Армани.
За потсетување, креациите на Џџани Версаче ги одбележа деведесеттите години на минатиот век. Тој беше убиен во 1997 година во Мајами, а од тогаш Донатела е на чело на брендот.