Холивудската ѕвезда Дру Баримор, која има три неуспешни брака, во интервју за магазинот „Пипл“ изјави дека е толку разочарана од мажите што веќе никогаш не планира да се мажи. Таа вели дека за разводите е виновна и таа, но дека вината повеќе ја бара во мажите.
„Никогаш, никогаш, никогаш, никогаш повеќе нема да се мажам. Знам дека не е паметно да се каже, но сигурна сум во тоа. Ова е крај. Не сакам да бидам врзана за никого. Кога ќе се откажете, сè е сосема поинаку. Потребно ви е време да научите повторно да живеете со себе“, рекла таа во интервјуто.
И покрај разочараноста, Дру за себе мисли дека е безнадежен романтичар и дека секогаш ќе верува во љубов.
„Вистина е дека на сите им е потребна љубов во некоја форма. Се обидов дури и со дружење преку интернет. Многу луѓе ме откачија. Еднаш дури и отидов на состанок, но додека го чекав, момчето само ми прати порака дека не доаѓа“, рекла таа.
Инаку, Дру првпат се омажи во 1994 година со сопственик на бар, Џереми Томас. Тие се разведоа само два месеца подоцна. Во 2001 година таа се омажи за комичарот Том Грин, а бракот траеше пет месеци. Во 2012 година се омажи за Вил Копелман, со кого ги има ќерките Олива и Френки. Двојката се разведе четири години подоцна.