Ед Ширан снима спот во Хрватска, со него пристигна и прекрасната актерка Фиби

Ед Ширан снима спот на Хвар, а со него на хрватскиот остров дојде и актерката Фиби Дајневор.

Англиската актерка, родена на 17 април 1995 година во Манчестер, потекнува од уметничко семејство – мајка ѝ, Сали Дајневор, е долгогодишна актерка во британската сапуница Coronation Street, а татко ѝ, Тим Дајневор, пишува телевизиски сценарија.

Светска слава со „Bridgerton“

Првите актерски чекори ги направи како тинејџерка во драмската серија на BBC Waterloo Road (2009–2010), а потоа оствари улоги во сериите Prisoners’ Wives, Dickensian, Younger и криминалистичката серија Snatch. Светска препознатливост стекна во 2020 година благодарение на улогата на Дафни Бриџертон во хит-серијата на Netflix Bridgerton, каде што беше главната хероина во првите две сезони.

На филм се истакна во биографската драма The Colour Room (2021), потоа во забележаниот трилер Fair Play (2023), а за 2025 година е најавено нејзиното учество во шпионскиот трилер Inheritance. За својата работа доби признание и од критиката – во 2024 година беше номинирана за наградата BAFTA Rising Star, наменета за млади актерски таленти во подем.

Во 2021 година беше во врска со американскиот комичар Пит Дејвидсон, што предизвика голем интерес кај јавноста. Подоцна изјави дека била наивна мислејќи дека таа врска ќе остане приватна и дека целата ситуација ѝ била надреална. Денес е среќно верена за актерот Камерон Фулер, а свршувачката ја потврдија во мај 2024 година, пишува хрватски „Индекс“.

Ќе глуми во спотот

Фиби ќе глуми во спотот што Ед Ширан го снима на Хвар. Мештани за Вечерњи лист откриле дека некои кадри биле снимени во кафе-барот „Kiwa“, а дел и на плажата Дубовица. Двете локации многу му се допаднале на музичарот. Се очекува дел од спотот да се снима и во Сплит. Засега не е познато за која песна станува збор.

Ширан настапи во Загреб

Во рамки на својата светска турнеја „+−=÷× Tour“ (Mathematics Tour), Ед Ширан минатата година настапи во Хрватска, на хиподромот во Загреб. Специјален гостин беше британскиот пејач Калум Скот. Концертот привлече околу 70.000 луѓе. Тогаш Ед ги изведе песните од сите пет студиски албуми означени со симболи + − = ÷ ×, вклучувајќи ги и хитовите Castle on the Hill, Shivers, The A Team, Perfect, Bad Habits и многу други.

Scroll to Top