Елен Деџенерис и нејзината емисија „Шоуто на Елен“ станаа предмет на истрага по многуте тврдења на нејзините вработени за малтретирањата што ги трпеле на работното место од извршните продуценти.
Елен во последните 30 години во јавноста се покажува како топла и пристапна личност, а сè погласните озборувања за тоа каква е всушност е зад камерите сериозно би можеле да ѝ наштетат на нејзината кариера во иднина.
Вработените сè повеќе ги изнесуваат тврдењата дека Елен не смеат да ја погледнат во очи, ниту да ѝ се обратат. Интерната истрага ја повеле групата за односи со вработните и газдите WBTV и групата Warner Media за да се открие вистинитоста на ваквите наводи.
На вработените им се испратени писма во кои тие се известуваат дека ќе бидат сослушани. Истрагата билата поттикната од нивните јавни признанија и наводи за малтретирање, расистички испади и заплашувања од 62-годишната водителка. Засега таа официјално не е обвинета.
Најголемите обвинувања се насочени кон тројцата извршни продуценти Еда Главина, Мери Конели и Ендиј Ласнер.
„Проблем е што тројцата извршни продуценти, кои им се надредени на тие луѓе, ги малтретирале на нивното работно место. Тие сметаат дека сите што работат во нејзиното шоу треба да се чувствуваат најсреќни на светот и ако некој не е задоволен, лесно ќе биде заменет затоа што сите си ги сакале своите позиции“, открил анонимен извор.
„Ако сака да има своја емисија, која го носи нејзиното име, треба повеќе да се ангажира за да види што навистина се случува околу неа. Мислам дека продуцентите ѝ говореле дека сè е во ред, а таа им верувала“, открива изворот.
И продуцентите се огласија со официјално соопштение до јавноста по повод ваквите обвинувања.
„Во период од речиси две децении емитување, 3.000 епизоди и вработувања на повеќе од 1.000 луѓе, настојувавме да создадеме отворено, безбедно и инклузивно работно опкружување. Срцата ни се скршени и жал ни е поради секое негативно искуство од нашето телевизиско семејство. Одговорноста за секоја емисија е на нас. Сето ова го доживуваме многу сериозно и сфаќаме дека би требало да учиме да бидеме подобри и да се залагаме да работиме подобро“, стои во изјавата.
Целата приказна се отвори уште во април оваа година кога им беа намалени платите на работниците поради избувнувањето на пандемијата на коронавирусот. Проблем беше и тоа што емитувањето на емисиите се случуваше од карантин, односно од нејзиниот луксузен дом.