Елтон Џон одликуван со орден за заслуги од принцот Чарлс

Поп-ѕвезда Елтон Џон (74) во средата доби ретко кралско одликување од принцот Чарлс на церемонијата во замокот Виндзор за неговата повеќе од петдецениска музичка кариера и добротворната работа во борбата против сидата. Тој беше одликуван за член на Order of the Companions of Honour, една од највисоките награди што може да им ја додели мајката на Чарлс, кралицата Елизабета Втора, на граѓаните во Британија и воопшто во Комонвелтот. Припадник на редот е и 95-годишниот монарх.

„Бев прилично изненаден кога го добив писмото за да кажам дека сум го примил реткиот орден затоа што знам дека многу малку луѓе го добиваат“, рече Џон по примањето на златниот медал со натпис „Во акција верни и во чест јасно“.

Кантавторот на церемонијата беше придружуван од својот сопруг Дејвид Фурниш, а одеше со помош на украсен бастун. Тој неодамна направи операција на колкот, а во септември објави дека ја одложува прошталната европска турнеја за следната година поради здравствени проблеми.

„Имав неверојатен живот, музиката беше мојот живот и ова го добив за музика и за работа за добротворни цели“, рече Џон, кој беше придружуван од сопругот Дејвид Фурниш. „Јас сум многу среќен“.

Џон собра милиони фунти за борба против сидата и ја основа Фондацијата за СИДА на Елтон Џон во 90-тите.

Кантавторот на најпознатите хитови, како Goodbye Yellow Brick Road, Rocket Man и Your Song, претходно беше прогласен за витез од кралицата Елизабета Втора во 1998 година, една година по смртта на неговата пријателка Дијана, принцезата од Велс. Тој се приклучи на листата на почести на кралицата кон крајот на 2019 година за неговите услуги за музика и добротворни цели.

Наградата е воведена во 1917 година од страна на дедо ѝ, кралот Џорџ V, а им доделува признание на личности што дале „голем придонес во уметноста, науката, медицината за долг временски период“. Во минатото ексклузивниот клуб, кој ги вклучуваше и британскиот воен премиер Винстон Черчил и научникот Стивен Хокинг, може да брои само максимум 65, со исклучок на суверенот, во секое време. А сегашни членови се британскиот екологист Дејвид Атенборо, канадската авторка Маргарет Атвуд и еден од најголемите британски спортисти досега – Себастијан Коу.

Во текот на годините орденот го имаат добиено и уметникот Дејвид Хокни, актерката Џуди Денч, музичарот Пол Макартни и писателката Џ. К. Роулинг.

 

Scroll to Top