Магазинот „Форбс“ ја исфрли ријалити ѕвездата и бизнисменка Кајли Џенер од својата листа на милијардери. Тие ја тргнаа со објаснување дека нејзиното семејство ја преувеличувало вредноста на нејзината козметичка компанија. „Форбс“ објави дека семејството Кардашијан-Џенер претерало во напорите да ја претстави својата најмлада членка побогата отколку што навистина е.
Кајли ги отфрли овие тврдења како неосновани претпоставки и неточни изјави.
„Никогаш не сум барала никакви титули, ниту сум се служела со лаги за да стигнам до успехот. Можам да набројам 100 други работи кои ми се поважни од тоа колку пари имам“, напиша Џенер на „Твитер“.
Лани „Форбс“ ја прогласи Кајли Џенер за најмлад самосоздаден милијардер во историјата, додавајќи дека тоа се должи на успехот на нејзината козметичка компанија што ја основала во 2015 година. Таа лани продаде 51% од акциите во компанијата за 600 милиони долари.