Деновиве, фотографии од прекрасна вила над Макарската ривиера се шират на социјалните мрежи. Фотографиите изгледаат толку нереално што многумина помислија дека е вештачка интелигенција. Но, не е, вистинска е. Тоа е луксузниот комплекс Кук Оаза, сместен на карпа над Макарска.
Комплексот се состои од пет вили, но најголемо внимание привлече вилата Кук, која изгледа како да извира од карпата. „Кралицата на ‘Кук оазата’ е спектакуларната вила Кук, која привлекува внимание со својата фантастична изведба и грандиозен изглед. Вилата Кук е архитектонско чудо кое ви го одзема здивот“, се наведува на веб-страницата на комплексот.
„Како да излегува од карпа“
„Величествено дизајнираната вила изгледа како да излегува од карпата, која ја обвила во својата силна и моќна прегратка. Оваа хармонија на бои, материјали и текстури е толку беспрекорна што, кога човек ќе погледне по нејзините елегантни линии, тешко е да се разликува каде завршува карпата, а каде почнува вилата“, објаснуваат тие.
Комплексот вклучува и тениско и кошаркарско игралиште со поглед на море.
Проектот Вила Кук е создаден во 2021 година, а концептуалниот дизајн го изработи архитектката Бранка Јурас.
Како што објавија хрватските медиуми, имотот е во сопственост на Мирјана Петровиќ, сопруга на Блажo Петровиќ, контроверзен претприемач кој има заеднички бизнис со Зоран Припуз. Петровиќ моментално е на судење во случајот против поранешна судијка, која е обвинета за примање поткуп од 15.000 евра за да донесе ослободителна пресуда во негов случај.
Мирјана Петровиќ е сопственик на земјиштето на кое се градат луксузните вили, а воедно и инвеститор. Петровиќ е директор и основач на неколку компании, од кои едната е Кук Оаза во Макарска, која е основана во 2020 година, а се занимава со изнајмување и управување со сопствени недвижности и има исто име како и вилите што се издаваат под наем.
Блажо Петровиќ е често име во црните хроники од крајот на 1990-тите во Хрватска, кога државата, по убиство во центарот на Загреб, почна да се справува со криминалните кланови. Петровиќ беше обвинет во случајот „мала криминална организација“, но беше ослободен од обвиненијата тогаш.
Тој постојано е доведуван во контекст на сомневања поврзани со купопродажба на разни земјишта. Исто така, е гонет за даночно затајување, перење пари, нелегално градење и корупција. Петровиќ е апсен неколку пати под сомнение за неколку кривични дела.
Фото: принтскрин