(Фото) Објавени првите фотографии од Хоакин Феникс како го глуми Наполеон

Оскаровецот Хоакин Феникс го глуми францускиот војсководач и цар Наполеон Бонапатра во новиот филм на Ридли Скот Kitbag. Снимањето почна на крајот на февруари во Велика Британија, а неодамна се појавија и првите фотографии од сетот.

На нив Феникс е облечен во воено одело со познатиот шешир. Феникс се потрудил доста реално да го прикаже ликот на Бонапатра, велат извори блиски до него. Тој дури и се откажал од својата брада која ја негуваше во последните неколку години.

Во филмот се раскажува за подемот и падот на царот Наполеон, а Скот ја допира и неговата помалку нестабилна романса со Жозефина, која иако прво требаше да ја глуми Џоди Комер, таа на крајот се повлече, а како нејзина замена дојде актерката Ванеса Кирби.

За филмот зборуваше и Ридли Скот, кој рече дека бил фасциниран од Наполеон.

„Излезе од никаде и завладеа со сите, а целото време водеше романтична војна со својата неверна сопруга Жозефина. Го освои светот за да се обиде да ја придобие нејзината љубов, а кога не можеше тоа што го освои го уништуваше. Ниту еден глумец не може да го одглуми Наполеон како Феникс“, рече Скот.

Судејќи според фотографиите од сетот, станува збор за одлична продукција и одличен дизајн, велат филмските експерти. Филмот ќе биде достапен во 2023 година на Apple TV Plus.

Scroll to Top