Вдовицата на Курт Кобејн, некогашната пејачка Кортни Лав (55) е во врска со поранешниот стриптизер Алекс Хемсли. Тој е 24 години помлад од неа. Кортни и Алекс го поминале целиот карантин заедно во Лондон, а викендов првпат се појавиле заедно во јавноста, на прошетка низ градот.
Но, додека била на прошетка со новото момче, Кортни им открила на новинарите дека е веќе 18 месеци трезна. И покрај тоа, коментарите во бтитанските медиуми се дека таа е остарена и непрепознатлива во ликот.
Пејачката е позната по бурниот живот. Уште додека беше во брак со Кобејн, таа не криеше дека пие и дека користи наркотици. Долго време по самоубиството на нејзиниот маж, таа беше повлечена од јавноста и пробуваше да се излечи од зависностите, но тоа не ѝ успеваше долго време.
Кортни се прослави како пејачка на групата „Хол“, а глумеше и во неколку филма во раните 1990-ти години. Таа претходно работела како проститутка и стриптизерка. Но, нејзините проблеми започнале уште од раното детство, а таа на 12 години завршила во поправен дом.
Таа на 24 години се омажи со Курт Кобејн, пејачот на групата „Нирвана“. Венчавката се одржала во февруари 1992 година на Хаваи, а во август истата година Кортни ја родила ќерката Френсис Бин Кобејн. Иако делувало дека во бракот на двајцата музичари сè е совршено, не било така. И двајцата биле тешки зависници од хероин, а пејачката користела хероин и во текот на бременоста. Случајот го открил „Венити фер“, а поради написот, социјалната служба одлучила да им ја одземе ќеррката и да ја даде на старателство на нејзината сестра Џејми. Кортни подоцна го обвинила токму тој напис за трагичната судбина на својот сопруг. Кобејн во 1994 година се самоуби во нивната куќа во Сиетл, додека Кортни била на рехабилитација. Нејзината психичка состојба по самоубиството се влошила, а таа неколку пати се лекуваше во различни клиники.
Кортни веќе неколку години не снима нова музика, а според американските медиуми, со ќерка си не комуницира веќе неколку години.