Актерите на популарната комедија „Модерно семејство“ открија дека ја снимиле последната епизода од серијата. Тие објавија слики и видеа од снимањето и се збогуваа со ликовите што ги играа 11 години.
„Модерно семејство“ е најнаградуваната серија комедија во Америка. Таа ја раскажуваше приказната за трите генерации на семејството Причет.
„Каков ден. Збогум ‘Модерно семејство’. Никогаш нема да ги заборавам овие луѓе, имавме само убави моменти. Благодарам ‘Модерно семејство’, благодарам Глорија Причет“, напиша Софија Вергара.
Актерот Џеси Тајлер Фергусон, кој го глумеше ликот на Мичел, на својата објава напиша цитат од Џ.М. Бери: „Не вели збогум, бидејќи збогум значи заминување, а заминувањето значи заборавање“. Тој им се заблагодари на сите обожаватели што ги поддржуваа цели 11 години и 250 епизоди.
Ерик Стоунстрит, кој го играше Камерон, сопругот на Мичел, објави слика направена покрај вратата низ која влегувал и излегувал на снимањата во текот на изминатите 11 години. „Поминаа како миг“, напиша тој.
Продуцентот и креатор Стив Левитан исто така објави видео од последниот ден од снимањето на серијата. „Ова се прекрасни луѓе благодарение на кои овие 11 сезони беа возможни, сите ги сакам“, напиша тој.
Последната епизода од серијата ќе се емитува на 8 април.