Актерот Џон Џејмс пренесен во ургентниот центар во Белград откако се повредил во ресторан

Холивудскиот актер Џон Џејмс, најпознат како Џеф Колби од „Династија“, се повреди на снимањето на новиот филм во Белград и е пренесен во болница. Актерот во Србија го снима филмот за животот на Хантер Бајден, синот на американскиот претседател Џо Бајден. Џејмс, кој во филмот го игра Џо Бајден, изјави дека е добар и дека добил врвен третман во белградскиот Ургентен центар.

„Влегов во ресторан и се удрив во стаклена врата. Имав голема исеченица над окото и крвавењето беше обилно. Се вратив во хотелот, а менаџерот ме одведе во ургентниот центар. Беше сабота вечер и како и секоја сабота во секој ургентен центар во светот, беше вистинска лудница. Но, добив врвен третман и неколку конци над окото, па се враќам на снимањето“, рекол  Џејмс за „Дејли мејл“.

Филмот за контроверзниот син на американскиот претседател го снимаат ирските продуценти Фелим Мекалиер и неговата сопруга Ен Мекелини. Тие велат дека филмот е начин да се истражи како Хантер Бајден собрал десетици милиони долари од странски компании во сопственост на олигарси и да се расветли контроверзните односи меѓу Хантер, неговиот татко и другите членови на семејството Бајден.

Џејмс претходно за филмот рече дека сценариото има сè, пари, моќ, алчност, секс, дрога и алкохол.

„На некој начин ме потсетува на „Династија“. Тоа е приказна за љубовта на таткото кон синот и покрај неговите големи маани, но и приказна за внатрешниот поглед на светот на политиката“, изјави Џејмс.

Режисер на филмот е актерот Роберт Дејви. Хантер Бајден го игра британскиот актер Лоренс Фокс. Снимањето на филмот, чиј буџет е 1,8 милиони долари, започна во Србија кон крајот на октомври и ќе трае четири недели.

Scroll to Top