Ибрахимовиќ за болеста на синот: Не можев да поднесам додека го гледав како беспомошно лежи

Фудбалерот Златан Ибрахимовиќ во неговата книга „Јас сум Златан Ибрахимовиќ“, чиј автор е Дејвид Лагеркранц, откри детали од времето кога син му Макси се борел за живот. Тој раскажа дека не можел да поднесе да го гледа во болница додека беспомошно лежел.

По раѓањето лекарите мислеле дека можеби нема да преживее, но на крајот Ибрахимовиќ рече дека Макси се покажал како вистински борец

„Кога се роди многу повраќаше. Не се дебелееше, туку напротив ги губеше килограмите. Не знаевме зошто и  дали е тоа нормално. Кога разговарав со семејството и пријателите сите ми велеа дека не е страшно“, раскажа Ибрахимовиќ и додаде дека не можел да ја издржи болката за син му па морал и тој да направи операција на стомакот.

„Целото тело некако ми беше во грч. Никогаш не сум се чувствувал така. Сè додека не го добив Макси бев господин недопирлив. Можев да бидам и лут и луд и да ги покажам сите емоции. И сите работи ги решавав затоа што бев цврст и упорен. Но ова не беше ни одблиску нешто слично кое го имав доживеано дотогаш. Бев немоќен и едноставно не знаев што да правам. Од ден на ден Макси стануваше сè послаб. Беше толку мал и беше целиот коска и кожа. Изгледаше како да нема да преживее“, раскажа Ибрахимовиќ.

Тој додаде дека сопругата Хелена во тие моменти му била најголемата поддршка.

„Не се сеќавам на патот до болницата, но се сеќавам на болничките ходници и мирисот. Кога ми кажаа за Макси, со трчање дојдов во болницата и прашав само каде е. На крајот ме однесоа во големата сала каде што лежеше во инкубаторот. Беше многу мал и целиот беше врзан со цевки низ телото и носот. Чувствував како да ми го извадија срцето од градите. И реков на Хелена дека ги сакам и дека двајцата ми се сè, но и дека не можам да го поднесам ова што ми се случува. И реков да ми се јави ако ѝ треба нешто. Тогаш побегнав од таму“, рече Златан, кој додаде дека од тој ден е благодарен што сè се завршило како што треба.

„Макси сè уште има лузна од операциите, но  се чувствува здрав како и сите деца на негова возраст. Од тогаш кон животот гледам само позитивно“, рече Ибрахимовиќ кој подоцна со сопругата Хелена добија уште еден син Винсент.

Scroll to Top