Сериите „Игра на тронови“ и „Прекрасната госпоѓа Мејзл“ се најголемите победници на 70. доделување на телевизиските награди „Еми“ што синоќа се одржа во Лос Анџелес.
Средновековната фантази-серија на Ејч-би-о, „Игра на троновите“, освои девет награди, вклучително и награди за специјални ефекти и каскадери и по третпат е прогласена за најдобра драмска серија, победувајќи ја „Приказната на куќната помошничка“.
Стриминг-сервисот „Нетфликс“ имаше најмногу номинации, вкупно 112, но на крајот заврши изедначен со Ејч-би-о со 23 добиени награди. Серијата „Прекрасната госпоѓа Мејзл“ ја доби наградата за најдобра комедија, а освои уште седум награди, меѓу кои и за најдобра актерка во комедија – Рејчел Броснахан.
За најдобра драмска актерка е прогласена Клер Фој за улогата на кралицата Елизабета во серијата „Круна“.
Метју Рајс ја зеде наградата за најдобар актер во драма за улогата на руски шпион во „Американци“.