Имам трема кога ја играм Марија Калас: Моника Белучи за улогата во театар

Италијанската филмска актерка Моника Белучи вели дека има голема трема додека ја игра славната американско-грчка примадона Марија Калас. И по 40 години кариера, таа открива дека „се тресе пред публиката“ кога е на сцената.

Белучи ја глуми една од најголемите оперски ѕвезди на 20. век во претставата на театарот Буф Паризиен, „Марија Калас: писма и мемоари“, во режија на Том Волф.

„Отсекогаш сум се плашела од театарска сцена. Излегувањето на сцена ми е како некој вид самоповредување“, вели 55-годишната актерка за АФП.

Белучи, која глумеше во два филма од серијалот „Матрикс“ и беше Бонд девојка во „Спектра“, вели дека филмската глума е помалку застрашувачка.

„Кога снимаш филм, се чувствуваш заштитен од надворешниот свет. Во театарот дишеш со публиката. Кога си на сцена, мора да си сконцентриран до крајот на претставата“.

Волф, кој ги собирал писмата на Калас и го снимил филмот „Марија од Калас“, вели дека Белучи со нејзиниот статус на ѕвезда одлично сфатила каква жена се крие зад иконата Калас. Во претставата, Белучи дури носи и еден нејзин фустан.

„Неверојатно е што не моравме да направиме никаква корекција. Како да бил направен за Моника“, вели тој.

Scroll to Top