Ја запроси сопругата на првиот состанок, а таа го инспирира да ги создаде Поло маичките: Љубовната приказна на Ралф и Рики Лорен

Американскиот дизајнер Ралф Лорен повеќе од 60 години има успешна кариера. Но малку се знае за неговиот приватен живот и бракот со Рики Ен Лоу-Бир, кој трае веќе 58 години.

Во светот на модата влезе како асистент за продажба на вратоврски, но набргу потоа основаше своја линија за машка облека. Во тоа време го достигна статусот на еден од најпочитуваните Американци, соработуваше со некои од најубавите жени на планетата, но за цело тоа време велеше дека муза му е неговата жена, која го поддржува од почетокот.

Кога почнувал како дизајнер на вратоврски во Њујорк, Ралф Лорен, тогаш Ралф Лифшиц, се запозна со Рики Ен Лоу-Бир, ќерка на австриски имигранти. Во тоа време Рики работела како учителка и повремена танчерка во Бронкс, но и како рецепционерка во ординација на офталмолог. Ралф еден ден влегол во канцеларијата и по многу краток разговор ја замолил да излезат. Рики се согласила, а младиот креатор дошол по неа во спортски зелен автомобил и ја извел на палачинки. Ја побарал за жена уште на првиот состанок и се венчале неколку месеци подоцна, во декември 1964 година.

Рики му била толку голема муза за време на неговата кариера, што го инспирирала да го основа спортскиот бренд „Поло“ и популарните поло маички. Моделите за рекламната кампања ги избрал да личат на сопругата.

„Не ми се допаѓаа девојки со шминка и штикли. Сакав девојка во фармерки и бела маица со засукани ракави, облечена во јакната на нејзиното момче. Тоа е девојката што ме привлекува. Тоа е девојката со која сум во брак“, изјави Лорен подоцна во едно интервју.

Неколку години потоа, лансираше и линија за женска облека, а ја добил идејата од фрустрацијата на Рики дека никогаш не можела да најде нешто што одговара за нејзината ситна фигура.

Двојката ги има синовите Ендру и Дејвид и ќерката Дилан. Рики паузираше неколку години во образованието за да му се посвети на семејството. Откако сите деца тргнаа на училиште, таа се врати на колеџ и дипломираше психологија, а подоцна работеше како психотерапевт. Таа е автор на неколку книги за начин на живот и готвење, а се испробала и како фотограф.

Бракот на Ралф Лорен и неговата сопруга Рики трае веќе 58 години, а дизајнерот сè уште на секој чекор нагласува колку е среќен што ја пронашол.

„Мојата сопруга Рики е мојата муза. Нејзиниот личен стил и природна убавина отсекогаш биле моја инспирација“, рече тој пред неколку години.

Scroll to Top