Оскаровецот Хоакин Феникс и актерката Мара Руни неодамна добија син. Бебето ќе се вика Ривер како починатиот брат на Хоакин, кој умре во 1993 година. Ривер Феникс беше еден од најпопуларните млади глумци во 90-тите години, а почина од предозираност во клубот „Вајпер рум“ на Џони Деп.
Веста за раѓањето на бебето ја откри режисерот Виктор Косаковски, кој на Филмскиот фестивал во Цирих рече дека Хоакин не може да го промовира нивниот нов заеднички филм оти станал татко.
„Тој штотуку доби дете, а неговото име е Ривер“, рече режисерот на онлајн прес-конференцијата.
46-годишниот глумец, кој пролетва доби „Оскар“ за улогата на Џокер, досега не ја потврдил веста. Тој и неговата свршеница важат за едни од најтајните парови во Холивуд и речиси никогаш не зборуваат за приватниот живот. Тие се во врска од 2016 година, а се свршија летото 2019 година. Не е познато дали во меѓувреме се венчале.