Кајли Миног и Џејсон Донован објавија први заеднички фотографии по 34 години

Австралиските ѕвезди Кајли Миног и Џејсон Донован по 34 години повторно се вратија на сетот на серијата „Соседи“ и објавија први фотографии од снимањето. Тие ги репризираа своите улоги на Шарлин Мичел и Скот Робинсон, со кои се прославија во Австралија, а потоа ги почнаа и музичките кариери, па ја напуштија серијата. Двојката беше омилена кај гледачите пред нивното заминување од серијата во 1980-тите.

„Сега сме повторно заедно“, напиша Миног на сликите што ги објави на Твитер, а е дел од текстот од нивната дуетска песна од 1988 година, „Специјално за тебе“.

На фотките Кајли и Џејсон се смеат и се прегрнуваат, а ја носат и облеката по којашто беа препознатливи во серијата.

Обожавателите се воодушевени што познатите музичари се сложија да се појават во последната епизода од најпознатата австралиска сапуница.

„Како можете да изгледате исто како што изгледавте пред 30 години?“, коментираат тие.

Продуцентите на серијата во март објавија дека шоуто што се случува во измисленото предградие на Мелбурн, Еринсборо, ќе заврши по 37 години.

„Скот и Шарлин се врвната двојка и не би било добро да се заврши шоуто без нив“, рече во мај продуцентот Џејсон Хербисон.

„Соседи“ првпат се емитуваше во 1985 година, а Донован и Миног ги играа Скот и Шарлин до нивното заминување. Епизодата од нивната свадба ја гледаа повеќе од два милиона гледачи во Австралија кога првпат се емитуваше во 1987 година, а подоцна привлече речиси 20 милиони луѓе кога беше прикажана во Британија.

Последната епизода на „Соседи“ ќе биде двочасовно финале и ќе се прикаже на 29 јули.

Scroll to Top