Кејти Холмс веќе не ја крие љубовта со музичарот Боби Вутен

Глумицата Кејти Холмс веќе не крие дека е во љубовна врска со музичарот Боби Вутен Трети. Магазинот „Пипл“ објави фотографии сликани во парк во Њујорк, на кои се гледа како Кејти и Боби се бакнуваат и држат за рака. Тие се неколку месеци во врска и нивните пријатели велат дека се нераздвојни.

„Кејти е пак среќна и заљубена. Таа имаше тежок период лани кога раскина со готвачот Емилио Витол, оти мислеше дека ќе се омажи за него“, рекол близок пријател на глумицата за „Пипл“.

„Пипл“ пишува дека Боби не ѝ е познат на јавноста, но дека е исклучително талентиран басист и музичар роден во Чикаго. Соработувал со Мек Милер, Џенифер Лопез и Џенифер Хадсон. Работел и на музика за реклами за Гугл и спортските брендови Рибок и Најк. Вутен се појави и во документарниот филм „Американска утопија“ на Дејвид Бирн, во режија на Спајк Ли во 2020 година, а моментално е ангажиран во мјузиклот Мулен Руж

Холмс, која се прослави со улогата во серијата „Досонс крик“, шест години беше во брак со Том Круз, со кој ја има ќерката Сури. Откако се разведоа во 2012 година, Кејти почна врска со глумецот Џејми Фокс. Тие беа заедно пет години, но тогаш медиумите пишуваа дека двојката се крие, бидејќи Холмс потпишала клаузула со разводот дека неколку години ќе го чува својот љубовен живот во тајност. Откако раскина со Фокс, кој наводно ја изневерил, таа почна врска со готвачот од Њујорк, но и таа љубовна приказна прекина за помалку од една година.

Scroll to Top