Судските власти во САД ѝ наложија на сопругата на Кевин Костнер од која се разведува, Кристин Баумгартнер, да се исели од нивната семејна куќа. Таа треба да се исели од луксузниот дом во Санта Барбара, Калифорнија, до 31 јули.
Откако Баумгартнер минатиот месец поднесе барање за развод, Костнер поднесе барање за Кристин да се исели од неговиот дом. Тој се повика на предбрачниот договор, според што таа мора да се исели 30 дена по почетокот на бракоразводната постапка.
Нејзините адвокати изјавуваат дека Баумгартнер нема доволно време, ниту пари да најде ново место за живеење до крајот на месецов. Побараа рокот да се помести за 15 август, но Судот ја одби таа жалба. Бившата сопруга го обвини Костнер дека се обидел да ги избрка неа и децата од куќата пред да му биде доделена алиментација. Претходно, таа бараше глумецот да ѝ плаќа 248.000 долари месечно за издршка.