Хана Гутиерез Рид, која беше задолжена за огнено оружје за време на снимањето на вестерн-филмот „Раст“ во 2021 година, за време на кој актерот Алек Болдвин ја застрела и уби кинематографката Халина Хичинс, денеска ќе сведочи пред судот во Санта Фе.
Гутиерез Рид е обвинета за убиство од небрежност, по наводите дека манипулирала со докази, односно затоа што одбила да им даде повеќе информации за оружјето на властите, а таа се изјаснила за невина, пренесува Би-би-си.
Не е утврдено како куршумите завршиле во пиштолот, а доколку биде прогласена за виновена, Гутиерез Рид би можела да одлежи затворска казна до три години. Гутиерез Рид минатата недела побара да се отфрлат обвиненијата против неа, но судијата одлучи да го продолжи судењето. Болдвин е обвинет за убиство од небрежност и се изјасни за невин.
Сепак, судот во Ново Мексико повторно го отвори кривичното дело против него на 19 јануари, повеќе од две години по инцидентот и девет месеци откако прво беше обвинет за смртта на Хачинс. Претходните обвиненија против него беа отфрлени минатиот април кога обвинителите во Ново Мексико соопштија дека на виделина излегле нови информации кои налагаат понатамошна истрага и откако обвинителите соопштија дека се појавиле нови докази од форензичките тестови за оружјето користено во пукањето.
На 31 јануари актерот се изјасни за невин и не е закажан датум за судење за неговиот случај, а според законите во Ново Мексико, доколку биде осуден за убиство од небрежност, може да добие и до 18 месеци затвор. Инцидентот се случил во октомври 2021 година кога Болдвин вежбал пукање со пиштол, а исто така тврди дека мислел дека во пиштолот нема вистински куршуми, пренесува Танјуг.