Колите на глумецот Пол Вокер ќе се продаваат на аукција

Колите на починатиот глумец Пол Вокер, кој се прослави со улогата во филмот „Брзи и бесни“, ќе бидат продадени на 49. Барет-Џексон аукција во Скотдејл. Парите од аукцијата ќе бидат донирани во хуманитарни цели, соопштија организаторите. Тие ќе ја продаваат целата колекција на коли на Вокер, која има вкупно 21 автомобил.

На аукцијата, освен колите на Вокер, ќе се продаваат и пет ретки примероци од „бе-ем-ве“, специјално направени за американскиот пазар. Од аукциската куќа Берет-Џексон велат дека тоа ќе биде нивна најголема аукција, а тие се чувствуваат почестено што биле избрани да ја организираат.

„Влијанието на Пол не само како актер, туку и како филантроп беше огромно. Ние сме почестени што можеме да помогнеме на овој начин да го продолжиме неговото дело“ рекол Крег Џексон, директор на аукциската куќа.

Аукцијата е закажана за јануари следната година.

За потсетување, Вокер беше најпознат по улогата на Брајан О’Конер во серијалот „Брзи и бесни“. Тој беше голем вљубеник во брзи спортски автомобили. Почина во сообраќајка со „порше карера“ во 2013 година, а колата тогаш ја возеше негов пријател.

Scroll to Top