Колку чинат подготовките за наградите „Оскар“?

Ѕвездите што се појавуваат на црвениот килим на „Оскарите“ за само неколку минути пред фотоапаратите трошат вистинско богатство. Бидејќи „Оскарите“ се најпрестижната награда во Холивуд, сите што се поканети да дефилираат на црвениот килим не штедат ни време ни пари за да изгледаат совршено.

Повеќето ѕвезди работат со стилист. Добрите стилисти за целодневна услуга наплаќаат околу 7.000 долари од ден. Сите ѕвезди одат на разни третмани за разубавување (заби, козметичар, маникир, педикир, фризер). Цената на секој од нив чини од 500 до 7.000 долари.

Повеќето од нив неколку месеци однапред размислуваат за гардеробата. Оние што се наоѓаат на А-листата добиваат бесплатно фустани што ги рекламираат, а потоа ги враќаат. Само мал број ги зарджуваат креациите од светските дизајнери. Преостанатите ги изнајмуваат или ги купуваат фустаните. Најевтините креации се околу 15.000 долари. Но, во просек, секој убав впечатлив фустан чини околу 70.000 долари. Во последните 15 години најмногу креации на црвениот килим имала модната куѓа Версаче. Дури 34 нивни фустани биле носени од популарните дами.

Сепак, најскапиот дел од изгледот е накитот. И него повеќето ѕвезди го изнајмуваат. Колку е ѕвездата поголема, толку е поверојатно дека ќе носи поскап накит. Истиот тој накит по појавувањето на црвениот килим на „Оскарите“ се продава уште поскапо. Вистинските ѕвезди не носат парчиња што чинат помалку од 300.000 долари. Некои парчиња може да чинат и по неколку милиони, како, на пример, прстенот на Бијонсе, кој чинеше 10 милиони долари.

Според процените, некој што првпат се појавува на „Оскарите“ плаќа околу 266.000 долари за да дојде до совршен изглед. Изгледот на гостите што се популарни, но не на врвот на холивудската листа, чини околу 1-2 милиона долари. Се проценува дека изгледот на актерите што се наоѓаат на А-листата на Холивуд чини и до 10 милиони долари, а некојпат и повеќе.

 

 

Scroll to Top