Кралицата Елизабета Втора во петокот ѝ се обрати на нацијата за Денот на победата над фашизмот и сега планира да се повлече од јавниот живот на неодредено време, додека трае пандемијата на коронавирусот, пишуваат британските медиуми.
Весникот „Сандеј тајмс“ објави дека 94-годишната Елизабета Втора ќе ја направи најдолгата пауза од официјалните должности во своето 68-годишно владеење и ќе остане во карантин во замокот Виндзор заедно со принцот Филип, кој следниот месец ќе наполни 99 години. Нејзините задолженија ќе ги преземат принцот Вилијам и неговата сопруга Кејт.
Замрзнати се и нејзините есенски ангажмани, вклучувајќи ја планираната посета на Јужна Африка во октомври.
„Кралицата нема да прави ништо што е спротивно на препораките за луѓето на нејзина возраст. Моментално, во нејзиниот распоред нема ниеден ангажман и така може да остане до октомври“, вели извор од кралското семејство.
Ова лето, и Бакингамската палата ќе биде затворена за јавност за првпат во последните 27 години.