Кралот Чарлс нема да го види својот син Хари, бидејќи е премногу зафатен

Принцот Хари нема да го види својот татко, кралот Чарлс, за време на неговата посета на Велика Британија, каде што пристигна на Игрите „Invictus“, бидејќи кралот ќе биде премногу зафатен, изјави портпаролот на Хари.

Во среда, 39-годишниот Хари ќе ја прослави десетгодишнината од меѓународниот спортски настан „Invictus Games“, кој тој го основал, во катедралата Свети Павле во Лондон, кој е мултидисциплинарен спортски настан за ранети и болни воени ветерани.

„Како одговор на многуте прашања и шпекулации за тоа дали Војводата ќе се сретне со својот татко за време на неговата посета на ОК оваа недела, за жал тоа нема да биде можно поради презафатениот распоред на неговото височество“, рече портпаролот на принцот Хари. „Војводата од Сасекс разбира дека неговиот татко има обврски и разни други приоритети и се надева дека наскоро ќе го види“, додаде тој.

Помладиот син на кралот Чарлс ја посетил Британија само неколку пати откако тој и неговата сопруга Меган се преселиле во Лос Анџелес во 2020 година, каде што живеат со нивните две мали деца. Тие претходно се откажаа од службените кралски должности. Хари присуствуваше на погребот на неговата баба, кралицата Елизабета Втора, во 2022 година, а присуствуваше на крунисувањето на неговиот татко во мај 2023 година.

Последен пат беше виден во Велика Британија во февруари оваа година, кога накратко се сретна со својот татко откако 75-годишниот монарх објави дека му бил дијагностициран рак. Хари се отуѓил од кралското семејство и се вели дека едвај зборува со својот постар брат и престолонаследник, принцот Вилијам.

Кралот Чарлс минатата недела се врати на своите јавни должности со оглед на тоа што неговото лекување беше успешно и тој добро закрепнува, соопшти Бакингемската палата. Палатата исто така соопшти дека нема да коментира за прашања поврзани со Хари. По заминувањето од Британија, Хари со сопругата ќе ја посети Нигерија.

Scroll to Top