Британскиот крал Чарлс за време на состанокот со премиерот Риши Сунак рече дека бил трогнат до солзи од пораките за поддршка по неговата дијагноза за рак.
Палатата објави претходно овој месец дека на Чарлс (75) му бил дијагностициран облик на рак, помалку од 18 месеци од неговото владеење.
„Добив толку многу убави пораки и честитки.Затоа најчесто бев во солзи“, изјави Чарлс за време на неделната посета со Сунак. „Сите се со тебе“, одговорил Сунак.
Монархот одржува неделна приватна посета со премиерот, иако на камерите повремено им е дозволено да го снимаат почетокот на состанокот. Состанокот во средата е првата официјална лична аудиенција што Чарлс ја одржа со Сунак откако му беше дијагностицирана неодредена форма на рак. Бакингемската палата соопшти дека кралот ќе продолжи да ги извршува државните должности додека се лекува од рак.
Медиумите потсетуваат дека Велика Британија, но и светот, беа шокирани од веста дека кралот Чарлс боледува од рак. Бакингемската палата не откри за каков вид на рак се работи, но кралот почнал редовно да се лекува.
Кралот ќе ги одложи јавните ангажмани поради болест, а другите членови на кралското семејство ќе продолжат со своите обврски.
Како што пренесува „The Sun“, поголемиот дел од должностите на Чарлс ќе ги преземат неговиот син и престолонаследник, принцот Вилијам (41) и сопругата на кралот, кралицата Камила.