Кристина Аплгејт во болница поради инфекција на бубрезите: „Врескав од болка“

Актерката Кристина Аплгејт била хоспитализирана поради инфекција на бубрезите која оттогаш се проширила на двата бубрега. Ѕвездата сними епизода од MeSsy, подкаст што го води заедно со Џејми-Лин Сиглер, во вторник, 5 август, од болница во Лос Анџелес, додека се бореше со силни болки.

Додека била во Европа во посета на семејството, Аплгејт почнала да се чувствува лошо. На летот кон дома, таа одлучила да оди директно во болница, објаснувајќи дека не сака да се разбуди во 3 часот наутро и да мора да трча во итната помош.

„Останувам во болница затоа што сакам одговори. Сакам да го направам секој тест што можете да го замислите, дури и оние за кои не сте ни помислиле“, рече Аплгејт, која со години се бори со мултиплекс склероза.

Денот откако се пријави во болница се разбудила со силни болки на десната страна. „Секако, мојот мозок веднаш помисли дека ми пука слепото црево“, рече Кристина.

„Многу ме болеше. Врескав, нарачаа итно компјутеризирано скенирање во 2 часот наутро“, рече таа.

Снимката покажала дека има инфекција на бубрезите и ѝ биле препишани антибиотици.

Кристина си заминала дома, но сè уште се бори со инфекцијата, откри таа за списанието People.

Во 2021 година ѝ беше дијагностицирана мултиплекс склероза

Кристина Аплгејт неодамна отворено зборуваше за раните знаци на болеста што ѝ го промени животот засекогаш во 2021 година, мултиплекс склероза (МС). Во подкастот „Needs a Friend“ на Конан О’Брајан, Аплгејт сподели како започнало сè .

Иако во тоа време сè уште играла тенис и планинарела, првиот симптом, вели таа, бил толку суптилен што лесно можела да го игнорира: пецкање и вкочанетост во прстите на нозете.

Како што минувале месеците, симптомите се ширеле од прстите на нозете до глуждовите, а потоа и до колената. Таа почнала да ја губи рамнотежата, сфатила дека почнува да се чувствува непријатно кога била на високо, а болката станала неподнослива. Нејзината колешка Селма Блер ја убедила да посети невролог, што довело до официјална дијагноза.

Фото: ЕПА

Scroll to Top