Сестрата на американската глумица Амбер Херд, Витни Хенрикез, сведочеше во судот во Лондон, каде се одвива судскиот процес, во кој Џони Деп е обвинет за семејно насилство.
Таа открила што Деп и правел на Амбер низ годините додека биле заедно. Витни сведочела дека кога била во посета на нивната куќа која ја изнајмиле во Австралија, истата била целата покриена со крв и дека изгледала како сцена од некој хорор филм.
Херд повторно пред судот во Лондон приложи нови докази против Џони Деп и насилството кое тој го извршувал врз неа. Таа тврди дека тој бил насилен кон неа низ бракот. Амбер ја приложила сестра ѝ како сведок, а потоа ја опишала страшната кавга во која влегла со Деп и која се случила во Австралија во 2015 година.
Хенрикез ја потврдила приказната, иако вели дека во тоа време не била со нив. Херд како доказ приложила и фотографии од куќата, која целосно била покриена со крв.
„Постојано плачеше кога се врати во Лос Анџелес. Ми говореше што и правел за време на кавгите. И тогаш не криеше дека сопругот ја злоставува“, изјавила Витни.
„Ги видов нејзините повреди. Не ги криеше од мене. Нејзината усна беше потечена и малку искривена Имаше гребаници на рамењата, па помислив дека и ги нанел со нож“, изјавила Витни.
Херд и објаснила на сестра ѝ дека гребаниците ги добила од скршеното стакло кое летало на сите страни, откако ги кршел шишињата и чашите.
„Ми кажа дека многу пиел и земал екстази, а потоа ја удирал. Во еден момент си го исече прстот и по ѕидот почна да пишува со крвта“, објаснила Витни.
За потсетување, Џони Деп тврди дека Амбер е таа која му го пресекла прстот, откако претходно фрлила кон него шише и дека таа е таа која вршела семејно насилство над него.