Американската пејачка Лејди Гага ја откажа посетата на бразилскиот мегаполис Рио де Жанеиро каде што требаше да учествува на големиот музички фестивал „Рок во Рио“, пренесоа светските агенции. Таа на своите бразилски фанови преку „Твитер“ им побара да ја разберат за оваа постапка.
„Бразил, јас сум лута, но не се чувствувам доволно добро за да дојдам во Рио. Јас би сторила сè за вас, но сега морам да се грижам за моето тело. Барам прошка и разбирање, ветувам дека ќе дојдам и ќе стапнам на сцената што е можно побргу“, напиша 31-годишната ѕвезда.
Нејзините претставници истакнаа дека таа страда од тешка физичка болка што влијае на нејзината способност да биде на местото на настанот и да добие грижа од медицински експерти. Според U O Elli, на пејачката ѝ била дијагностицирана фибромијалгија – болест што е придружена со хронична болка во мускулите и коските.