Викендот на свадбата на Џеф Безос и Лорен Санчез во Венеција официјално започна – и тоа со стил. Двојката подготви гламурозна забава за добредојде за своите познати гости за четврток, 26 јуни, а сè се одржа во затворен манастир до црквата Мадона дел’Орто.
Лорен Санчез за пригодата избра златен фустан со отворени рамена со корсетиран струк и богат барокен вез, потпишан од куќата Скијапарели. Нејзината фризура – висока опашка со врамени прамени – го надополни гламурозниот изглед. Безос се појави во класичен црн костум, бела кошула и авијаторски очила за сонце.
Двојката беше фотографирана како го напушта хотелот Аман, а Безос галантно ѝ помогна на својата свршеница да влезе во водното такси кое ги однесе до местото на прославата.
Меѓу познатите гости кои пристигнаа со брод беа Ким, Клое и Кендал Кардашијан, Кајли Џенер, Том Брејди, Орландо Блум, Крис Џенер и нејзиниот партнер Кори Гембл. Ким носеше тесен фустан од змиски тен, Клое црна вечерна тоалета, Кендал цветен фустан, а Кајли комбинација од златна чипка.
Леонардо Дикаприо го напушти хотелот „Грити Палас“ во црн костум и шапка, додека неговата партнерка Виторија Черети беше видена во сив фустан со набори на едното рамо. Опра Винфри и Гејл Кинг, кои пристигнаа во Венеција порано во текот на денот, се појавија заедно на забавата – Опра во фустан со виолетови и бели шари, а Гејл во долг фустан со златен синџир.
Според извори блиски до организаторите, целиот канал пред местото на одржување бил преполн со бродови. Безос и Санчез пристигнале меѓу последните, со силна безбедносна придружба што ги штитела од очите на јавноста. Во еден момент, тие застанале и размениле бакнеж пред да излезат од бродот.
Атмосферата, според изворите, била изненадувачки опуштена и покрај гламурозниот список на гости. Местото на настанот било украсено со корпи со бели и виолетови цвеќиња, а пицата подготвена на лице место – од рацете на познат неаполски пицаџиоло.
Безос и Санчез сакаат да ги чуваат деталите од свадбата во тајност и ги ангажираа познатите организатори на свадби „Ланца и Баучина Лимитед“, познати по организирањето на свадбите на Џорџ и Амал Клуни и Салма Хајек и Франсоа-Анри Пино, за да ја организираат. И покрај критиките за прекумерен туризам, организаторите тврдат дека нивната прослава ќе има минимално влијание врз градот.