Поранешниот американски претседател Барак Обама ја одбележа 25-годишнината од бракот со Мишел така што ѝ подготви специјално изненадување.
56-годишниот Барак сними видеопорака за својата сопруга во која опишува колку е таа неверојатна мајка и сопруга. Видеото го видоа голем број посетители на конференцијата за жени во Пенсилванија, каде што Мишел беше специјална гостинка.
„Морав да ви ја растурам забавата бидејќи денес е 25 години од нашиот брак“, започна Обама.
„Идејата дека ти се справуваш со мене четвртина век е извонреден доказ за тоа колку си света, прекрасна и трпелива личност. Ти не си само извонредна партнерка, прекрасна пријателка, личност што секогаш ме смее, личност што се грижи секогаш да го следам тоа што сметам дека е правилно, туку си одличен пример за нашите ќерки и за целата држава. Навистина, најдобрата одлука што некогаш ја имам направено е што бев доволно упорен да те поканам на состанок, а ти прифати“, вели тој во љубовното видео.