Мајкл Џеј Фокс доби почесен Оскар и кажа дека веќе никогаш нема да глуми

Холивудскиот глумец Мајкл Џеј Фокс викендов доби почесен Оскар, откако помогна да се соберат 1,5 милијарди долари за истражувањата на Паркинсоновата болест. Тој на церемонијата кажа дека ја одиграл неговата последна улога и дека веќе никогаш нема да глуми.

Ѕвездата на серијалот „Враќање во иднината“ на 29 години дозна дека боледува од ова нервно нарушување, по што ја стави актерската кариера во втор план и во 2000 година основа фондација која го помага истражувањето да се најде лек за болеста.

„Најтешкиот дел од дијагнозата беше соочувањето со неизвесноста. Долго време ја криев зашто мислев дека публиката нема да се смее ако знае дека сум болен. Не можам да одам и да ја носам оваа работа, па уште еднаш ќе мора да побарам помош од Трејси“, изјави 61-годишниот Фокс, кој беше придружуван од сопругата, актерката Трејси Полан.

Публиката го поздрави со овации, по што Фокс уште еднаш им се заблагодари за поддршката во изминатите 30 години.

„Направивте да се тресам. Но, овој пат од емоции. За жал, мора да кажам и дека нема веќе да глумам, ја одиграв мојата последна улога“, додаде тој.

Фокс го прими Оскарот од својот пријател и колега Вуди Харелсон, кој рече: „Мајкл ја претвори застрашувачката дијагноза во храбра мисија“.

Покрај Фокс, почесна статуетка добија и Дајен Ворен, која дури 13 пати беше номинирана за Оскар за најдобра песна и режисерите Питер Вир и Јужен Палси.

Scroll to Top