Мајкл Џексон да беше жив, ќе наполнеше 60 години

Легендарниот крал на поп-музиката, Мајкл Џексон, доколку останеше жив, вчера ќе го прославеше својот 60. роденден. Пејачот почина пред девет години и по неговата смрт, богатството му се зголеми на една милијарда долари. Со тоа Мајкл Џексон стана најплатениот починат музичар.

Соборил 23 Гинисови рекорди, а примил и 40 награди на „Билборд“ и 26 награди на „Американ мјузикл авордс“. Заработил две ѕвезди на Патеката на славните во Холивуд. Една за направена самостојна кариера, а друга како момче од бендот „Џексон 5“.

Неговото детство било далеку од совршено. Имал седум браќа и сестри, а дебатирал како шестгодишен во групата „Џексон 5“. Како млад постојано бил малтретиран од татка си. За лузните што му ги нанел раскажал неколку години пред неговата смрт во популарното шоу на Опра.

„Ако направев нешто погрешно, ќе се налутеше и ќе ме натепаше. Постојано ми зборуваше за тоа колку сум грд и ми се исмеваше на мојот голем нос. Сѐ уште имам ноќни мори и комплекси. Имам проблеми со спиењето. Како дете се чувствував изолирано. Кога ќе ги видите снимките од концертот, тешко ќе ја пропуштите мојата насмевка што постојано ја имав на лицето. Но, со неа само ја криев нанесената болка“, изјавил Мајкл.

Мајкл не сака премногу да се навратува на минатото во детството, а за себе вели дека во тој период звучел како Мини Маус. Почнал соло кариера, а најголемиот подем следувал набргу потоа со најпродаваниот албум на сите времиња.

„Размислувате како Микеланџело кога ја насликал Систинската капела. Само небото е граница“, им рекол Мајкл на своите соработници кога работеле на „Трилер“.

Песната стана хит на сите радија и на листата на „Билборд“, каде што се задржа 122 недели. Видеоспотот до ден-денес важи за еден од најдобрите некогаш направени во музичката индустрија.

 

Scroll to Top