Американскиот магазин „Форбс“ објави листа на познати личности кои и по нивната смрт продолжиле да заработуваат милиони долари. Овие починати мега ѕвезди собрале вкупно 628 милиони долари.
На првото место убедливо води легендарната музичка икона Мајкл Џексон. Пејачот кој почина пред девет години и во 2017 година се најде на првото место на заработка. Само оваа година неговата бруто-заработка изнесува 400 милиони долари. Џексон најмногу има заработено од продажбата на правата.
На второто место е некрунисаниот крал на рокот, Елвис Присли, кој во 2018 година заработил 40 милиони долари.
На третото место е легендарниот играч на голф, Арнолд Палмер, кој заработил 35 милиони долари.
„’Форбс’ наведува дека познатите личности кои повеќе не се меѓу живите вкупно заработиле 628 милиони долари, што е речиси двојно повеќе од минатата година, кога заработиле 312 милиони долари.
На четворто место по остварувањето на бруто-приходите е авторот на серијалот за Снупи и Чарли Браун, Чарлс Шулц, кој заработил 34 милиони долари.
На петтото место е пејачот Боб Марли со 23 милиони долари, а како што се наведува, заработката се однесува на производите како слушалици и прибор за пушење.
Доктор Сус е на шестото место со 16 милиони долари, додека на седмото место е творецот на „Плејбој“, Хју Хефнер, со заработени 15 милиони долари.
На осмото место е актерката Мерлин Монро со заработени 14 милиони, додека на деветтото место е музичарот Принц со 13 милиони долари.
На 10. место е поранешниот член на „Битлси“ Џон Ленон, кој заработил 12 милиони долари и за кого се наведува дека и 38 години по неговата смрт, се продаваат околу два милиона албума годишно.
Меѓу оние кои се најдоа на листата се и раперот XXXTentacion, кој на средината на оваа година беше убиен на Флорида. Исто така, на листата ги има и Мохамед Али, како и манекенката Бети Пејџ.
„Форбс“ наведува дека податоците за оваа листа се однесуваат на примањата од 1 октомври 2017 година до 1 октомври 2018 година, а пред да бидат одбиени сумите за надомест на нивните агенти, раководители, адвокати и извршители на имотот.