Макрон и неговата жена трошоците за живот ги плаќаат од свој џеб

Францускиот претседател, Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит сите лични трошоци ги плаќаат од свој џеб, пишува весникот „Паризијен“. Тоа вклучува трошоци од типот на пари за паста за заби, приватни патувања и храна за кучето по име Немо, нивниот миленик во Елисејската палата.

„Брижит и Емануел Макрон секогаш со себе носат чековна книшка и банкарска картичка“, пишува весникот и додава дека поради безбедноста на приватните патувања, претседателската двојка мора да користи државен транспорт, така што кога приватно патуваат со авион, тие во министерството за одбрана плаќаат билети како што тоа би го направиле во комерцијален лет на „Ер Франс“.

Весникот пишува дека Макрон и жена му сами ја плаќаат и храната за своето куче, пастата за заби и некои други помали работи од продавница. Брижит, која важи за обожавателка на високата мода, самата плаќа за својата облека, освен ако не станува збор за позајмица од некоја позната модна куќа, како „Диор“.

Тие плаќаат и данок за престој, кој е задолжителен за сите француски граѓани. Весникот додава дека на овој начин во минатото постапувале и некои претходни француски претседатели како Франсоа Оланд и Шарл де Гол.

Scroll to Top