Мартина Навратилова откри дека ѝ се дијагностицирани рак на грлото и рак на дојката

Легендарната чешка тенисерка и најголема шампионка на Вимблдон во сингл, Мартина Навратилова (66), објави дека ѝ се дијагностицирани два вида рак – на грлото и на дојката. Таа дијагнозата ја добила во ноември кога открила отечен лимфен јазол на вратот.

„Овој двоен удар е сериозен, но сепак може да се поправи. Се надевам на поволен исход. Ќе смрди некое време, но ќе се борам со сѐ што имам“, рече Навратилова, која освои 59 гренд слем титули во сингл и двојки во текот на својата 40-годишна кариера.

Дијагнозата на поранешната најдобра светска тенисерка доаѓа откога во 2010 година имаше рак на дојката, но го победи со терапија со зрачење. Навратилова објави и дека нема да патува во Мелбурн на Австралија опен, каде што требаше да работи како ТВ-експерт и да ги коментира некои од натпреварите.

Претставникот на Навратилова ја опиша прогнозата на лекарите како добра и таа ќе почне да се лекува овој месец.

„На Мартина ѝ е дијагностициран рак на грлото во првата фаза. Типот на рак е ХПВ и овој конкретен тип навистина добро реагира на третманот. Мартина забележала зголемен лимфен јазол на вратот за време на финалето на ВТА во Форт Ворт. Кога не се повлече, беше направена биопсија, а резултатите покажаа дека е рак на грлото во прва фаза“.

Навратилова сè уште важи за најдобрата тенисерка на сите времиња. Родена во Чешка, таа со години има американско државјанство. Мартина објави дека е геј во 1981 година и оттогаш се залага за еднакви права и поддржува голем број ЛГБТ-добротворни организации. Во 2015 година се ожени за својата партнерка Јулија Лемигова по девет години заедно. Двојката се запознала пред повеќе од 20 години во париски геј-бар. Навратилова и Лемигова живеат во Мајами со двете ќерки.

Во 2012 година Навратилова изјави дека мајчинството ѝ го променило животот и дека ги намалила патувањата во светот за да поминува повеќе време со семејството. Двете деца се од претходната врска на Лемигова.

 

 

Scroll to Top