„Ме силуваа и дрогираа со денови“ – Дафи раскажа за кошмарот низ кој поминувала

Велшката пејачка Дафи, која пред повеќе од десет години се прослави со песната Mercy, откри дека пред неколку години била заробена и дека неколку дена ја држеле во темна просторија, ја силувале и дрогирале. Таа за кошмарот што го преживеала раскажа преку „Инстаграм“ и напиша дека тоа се случило во времето кога беше популарна во целиот свет. Затоа, вели таа, решила да се повлече од музичката сцена и да проба да го надмине сето тоа што го преживеала.

„Многу од вас се прашуваат што ми се случи, каде исчезнав и зошто. Новинар ме пронајде и лани летото му раскажав сè. Тој беше љубезен и беше неверојатно што конечно проговорив за тоа. Вистината е дека бев силувана и дрогирана и држена заробена неколку дена. Се разбира преживеав. За закрепнувањето требаше време. Ве молам верувајте ми дека сега сум океј и безбедна“, напиша 35-годишната пејачка.

https://www.instagram.com/p/B8_95uYhFMQ/?utm_source=ig_embed

„Нема лесен начин да го кажам ова. Но, можам да ви кажам дека во изминатата деценија илјадници и илјадници денови посветив на желбата повторно да го почувствувам сонцето во моето срце. Сонцето сега свети. Се прашувате зошто избрав да не го користам мојот глас за да ја изразам мојата болка? Не сакав да му ја покажам на светот тагата во моите очи. Се прашував, како би можела да пеам од срце кога тоа е скршено. И полека тоа заздрави“, напиша Дафи и додаде дека наскоро ќе биде објавено и интервју во кое ќе проговори пред јавноста за ужасниот инцидент, но и дека ќе најде време да одговори на прашањата и на нејзините фанови.

Популарната пејачка има издадено два албума, а глумеше и во неколку британски серии и филмови.

Scroll to Top