Војводата и војвотката од Сасекс им се придружија на кралот Чарлс Трети, кралицата Камила, принцот Вилијам, Кејт Мидлтон и другите членови на кралското семејство за да го примат ковчегот на починатата кралица при пристигнувањето во Бакингемската палата во Лондон.
Ковчегот, кој во текот на ноќта ќе биде сместен во Bow Room, беше пренесен од Шкотска во придружба на принцезата Ана. Кралицата почина на 96-годишна возраст во замокот Балморал на 8 септември. Ковчегот со посмртните останки на кралицата ќе помине низ Лондон и ќе биде однесен во Вестминстерската палата, каде што ќе биде поставен во Вестминстерската сала додека посетителите ќе оддаваат почит сѐ до погребот, кој ќе се одржи во Вестминстерската опатија в понеделник.
Ковчегот беше пренесен со државниот погребен автомобил, кој беше дизајниран од Royal Household и Jaguar Land Rover. Кралицата била консултирана за плановите. Возилото ја има и личната кралска шифра на кралицата и е дизајнирано да ѝ овозможи на јавноста да има јасен поглед на ковчегот на нејзиното височество додека патува низ Лондон и Виндзор. Во саботата принцот Хари и Меган им се придружија на принцот Вилијам и Кејт на прошетка пред замокот Виндзор додека ги поздравуваа добронамерниците, кои дојдоа да ѝ оддадат почит на кралицата.
Облечени во црно, паровите ги поздравуваа добронамерниците 40-ина минути. Според Кенсингтонската палата, Вилијам ги поканил Хари и Меган да им се придружат и пред портите на Виндзор, а друг извор додаде дека обезбедувањето не ги очекувало двата пара на прошетката.