Меколи Калкин сака да се избрише сцената со Трамп од „Сам дома 2“

Откако американскиот претседател Доналд Трамп беше обвинет дека со својот говор повикал на насилство во Конгресот и против него вторпат беше поднесено барање за импичмент, на социјалните мрежи почна кампања да се исфрли сцената со него од филмот „Сам дома 2“. Фановите на филмот предложија Трамп компјутерски да се замени со постара верзија на самиот Калкин.

„Продадено“, одговори Калкин на твитот преку кој се шири петицијата за отстранување на Трамп од филмот.

Трамп има кратко, но забележливо појавување во филмот „Сам дома 2: Изгубен во Њујорк“ кога на ликот на Калкин му покажува каде е лобито во хотелот „Плаза“, кој во тоа време бил во негова сопственост. Во интервју од декември 2020 режисерот Крис Колумбус изјави дека Трамп инсистирал да добие улога во филмот во замена да дозволи снимање во хотелот.

„Тоа, сепак, се покажа добар потег. Кога првпат го прикажавме филмот, луѓето позитивно реагираа кога Трамп се појави на екранот, па му реков на монтажерот да го остави“, рече Колумбус.

Scroll to Top