Престижната Модна недела во Милано ја виде една од побизарните ревии досега кога некои од моделите носеа реплики од своите глави во рацете.
Ова се случуваше на ревијата на модниот гигант „Гучи“, кој пронајде малку инспирација и во „Игра на троновите“, па еден модел се прошета по пистата држејќи бебе-змеј во стилот на кралицата Денерис Таргарјен.
Вистински шок следуваше кога моделите лежерно се појавија со отсечени глави во рацете. Да биде уште побизарно, тие носеа реплики од своите сопствени глави.
Како што објави „Вог“, главите биле направени во соработка со дизајнерот Алесандро Микеле и римската компанија за визуелни и специјални ефекти „Макинариум“. Таа исто така беше заслужна за третото око и за роговите што ги носеа некои модели. Според „Вог“, за нивна изработка биле потребни шест месеци.