Француската организација ADMD, која се залага за евтаназија, сподели на социјалните мрежи постер кој ја пресоздава ужасната сцена во парискиот тунел од 1997 година каде што загина принцезата Дијана.
„Дијана не ја избра својата смрт. Во 2024 година треба да можеме да бираме“, е описот под огласот кој ја згрози јавноста. Ова веднаш предизвика широко распространета осуда, при што пријателите на покојната принцеза и политичарите ја опишаа рекламата како „подла, одвратна и гнасна“.
Бароницата Роза Монктон, која беше блиска пријателка на принцезата, ја осуди кампањата, велејќи дека е сурова, бесчувствителна и опортунистичка.
„Дијана беше експлоатирана во текот на животот, а сега од ниски мотиви се искористува нејзината смрт“, рече таа, според Дејли мејл.
Кенсингтонската палата го изрази својот гнев и вознемиреност што нејзината трагична сообраќајна несреќа била искористена во објавен оглас.