Најомразената љубовница на светот, стана кралица – Животната приказна на Камила

Аналитичарите веруваат дека врската меѓу кралот Чарлс и кралицата Камила е идеалната љубовна приказна уште од првата средба на парот. Таа е љубовта на неговиот живот, како и негова советничка, доверлива со децении, а сега и британска кралица. Откако парот се венчаше во 2005 година, Камила работeше како член на кралското семејство, поддржувајќи го својот сопруг и поддржувајќи добротворни организации кои им помагаат на жените и децата. Сепак, на некои во Британија им е тешко да заборават на долготрајната вонбрачна врска на двојката, која влијаеше да пропадне бракот на Чарлс со миленичката на јавноста – принцезата Дијана.

Камила Шанд е родена во јули 1947 година, пораснала во англиското село, каде се родила нејзината страст за коњите. Се школувала во Јужен Кенсингтон и во Швајцарија. Во 1970 година, Камила го запознала тогашниот принц од Велс – Чарлс, на поло натпревар во Виндзор. Не долго после тоа, тие станале пријатели. Следната година, Чарлс се приклучил на Кралската морнарица и, додека тој бил отсутен, Камила се омажила за офицерот Ендрју Паркер Боулс со кој имала две деца, Том и Лола.

Чарлс се ожени со Лејди Дијана Спенсер во 1981 година, а свадбената церемонија ја следеа милиони ширум светот. Но, во 1994 година, Чарлс призна дека имал афера со Камила. Следната година Дијана пред медиумите го потврди неверството на нејзиниот сопруг – „Бевме тројца во овој брак, па беше малку гужва“. Таа додаде дека Чарлс и Камила отсекогаш биле заљубени. Двојката Боулс се разведе во 1995 година, а Чарлс и Дијана следната година. Јавноста имаше повеќе симпатии за Дијана отколку за Камила, а тоа чувство само дополнително се засили по смртта на Дијана во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година.

Во 1999 година, Кларенс Хаус започна програма за повторно претставување на Камила на јавноста – таа прво се појави со Чарлс надвор од хотелот Риц во Лондон, а набргу потоа се пресели во Кларенс Хаус.

Шест години подоцна, нивната повеќедецениска љубовна приказна кулминираше со свадба во Виндзор. Камила, која ја доби титулата војвотка од Корнвол, беше потврдена како официјална сопруга на Чарлс и идна кралица на Обединетото Кралство. Војвотката стана членка на кралското семејство, поддржувајќи го Чарлс на официјалните ангажмани во Обединетото кралство и на прекуокеанските турнеи, и покрај, како што велат медиумите,  ставот кој го имала од летање.

Неколку дена пред крунисувањето, синот на Камила, Том Паркер Боулс, проговори за односот помеѓу неговата мајка и неговиот очув.

„Не ми е гајле што некој ќе каже. Таа се омажи за личноста што ја сакаше и еве што се случи“, изјави Паркер Боулс.

Камила, исто така, ја дефинираше својата кралска улога, залагајќи се за описменување на децата и поддршка на жртвите на семејно насилство.

За време на посетата на засолниште за жени во Бристол во 2017 година, таа рече дека може да ја искористи својата позиција за да ги истакне маките на „храбрите жени“ кои претрпеле насилство од нивните партнери, а исто така работела на подигање на свеста за остеопорозата, болест која влијаеше и на нејзината мајка и баба.

Еден од асистентите на Камила изјави за Си-Ен-Ен во 2013 година дека Камила има најголема страст за нејзините внуци – „Таа е професионална баба“, рекол тој.

Нејзиниот внук, Бен Елиот, изјави за Vanity Fair во 2022 година дека Камила го обожава својот сопруг, децата и внуците и дека е многу пријателски настроена.

„Најголемата поддршка“ дојде во февруари 2022 година, кога кралицата Елизабета Втора даде благослов за војвотката од Корнвол да биде признаена како кралица кога ќе дојде време.

„Кога мојот син Чарлс ќе стане крал, знам дека на неговата сопруга Камила ќе ја дадете истата поддршка што ми ја дадовте мене. Моја искрена желба е, кога ќе дојде време, Камила да биде препознаена како Консорт на кралицата додека ја продолжува својата лојална служба“, рече кралицата по повод 70-годишнината од нејзиното стапување на британскиот трон.

Со тој потег, аналитичарите рекоа дека Елизабета јавно дала до знаење дека Камила не треба да се гледа како „кралска љубовница“ туку како централна фигура во самото срце на кралското семејство.

Scroll to Top