Принцот Вилијам со Кејт Мидлтон беа исвиркани за време на НБА натпревар во САД. Двајцата се во посета на Америка, а се појавија на натпреварот меѓу Бостон Селтик и Мајами Хит. Беа во придружба на сопственикот на Бостон, градоначалникот и новоизбраната гувернерка. Седеа во првите редови, на паркетот.
Кога се појавија на главниот екран во салата навивачите почнаа да ги исвиркуваат и гласно да викаат САД. Медиумите пренесоа дека не биле премногу загрижени и дека продолжиле да се смешкаат. Иако требало да си заминат по третата четвртина, сепак останаа до крајот на натпреварот.
Како што пренесе „Дејли Мејл“, Кејт и Вилијам наводно биле исвиркани заради коментарите на лејди Сузан Хасеи. Таа беше кралската дворска дама и кума на Вилијам, а беше обвинета за расистички коментари за темната кожа на активистката за семејно злоставување, Нгози Фулани, на настан во Бакингемската палата.