Глумецот Сем Нил, познат по улогата во „Паркот Јура“, боледува од рак. Подложен е на нови третмани со хемотерапија откако му беше дијагностициран рак на лимфом во третата фаза.
Славниот актер ја документира својата борба со болеста во мемоарите наречени „Не се плашам да умрам, но тоа би ме изнервирало“. Во книгата ги откри тајните на својот приватен и деловен живот.
„Се најдов во ситуација во која немам што да правам. Се навикнав да работам. Сакам да работам. Ми се допаѓа да одам на работа. Сакам да бидам опкружен со луѓе и да уживам во нивното друштво и приказни. Одеднаш бев далеку од сè. Си помислив, што ќе правам сега? Никогаш немав намера да напишам книга. Но, кога почнав, само пишував и пишував. Всушност, книгата ми даде причина да живеам затоа што секоја вечер размислував за утре што ќе пишувам во неа. Се забавував, а во исто време тоа ме спаси затоа што не би можел да продолжам без да знам што ќе правам“, рече Нил за „Гардијан“.
Минатата година лекарите му го открија ракот во жлездите, по што беше подложен на хемотерапија, која била неуспешна. Тогаш било одлучено да прими нов тип на хемотерапија, која вродила со плод, но ќе мора да ја прима до крајот на животот, дури и да нема рак, велат лекарите.
За потсетување, актерот ја започна кариерата во 1970 година и низ годините доби преку 150 улоги.