Актерката Памела Андерсон, која веќе со години го посетува Џулијан Асанж во амбасадата во Еквадор, му напишала на американскиот рапер Кање Вест со надеж дека ќе му помогне на основачот на Викиликс.
Андерсон неодамна изјавила дека на Асанж му бил оневозможен пристап до интернетот поради што бил отсечен од сите. Исто така додала дека забранети му биле сите посети, поради што не бил во можност да на кој било начин стапи во контакт со него.
Таа во писмото до раперот наведува дека е загрижена за основачот на Викиликс, а неговата моментална состојба ја опишала како мачна.
„Јас го поддржувам и знам дека ја цениш слободата на говорот“, напишала таа.
„Мислам дека се обидуваат да го убијат. Тоа е мачење. Сакам да му обезбедам поголема поддршка. Јавна поддршка би можела да го ослободи. Медиумите се монополизирани, па храбрите гласови се единствената надеж“, стои во писмото.
Асанж повеќе од пет години живее во амбасадата на Еквадор во британската престолнина, откако еквадорските власти му доделиле азил за да го избегне испорачувањето во Шведска, поради обвинувањата за сексуална природа и можноста потоа да биде префрлен во САД, кои го бараат поради информација која ја објавил на Викиликс.